Професионалниот развој на наставниците главна цел на истражувачкиот тим од ФОН

Имајки го предвид постмодерниот третман на знаењето како капитал со највисока оплодувачка моќ и фактот дека училиштето се уште претставува најмасовна, најорганизирана и најсистематизирана форма на образование, подигањето на квалитетот на работата на училиштата претставува постојана преокупација на сите земји во светот.

„Значаен фактор од кој зависи квалитетот на воспитно-образовната работа во училиштата е наставникот. Интензивниот техничко-технолошки и научен развој, како и изразените тенденции за демократизација и хуманизација на училишното воспитание и образование претставуваат сериозни предизвици за наставникот. Од него повеќе не се бара само да ги следи и прифаќа иновациите туку компетентно да учествува во  нивно продуцирање. Тоа пак несомнено е поврзано со неговиот професионален развој и подготвеноста доживотното учење да го прифати како основен принцип во неговото работење“ – вели раководителот на проектот, проф.д-р Соња Петровска.

Целта на проектот е да се анализираат состојбите во подрачјето - Професионален развој на наставниците во Република Македонија од аспект на политики, законодавство, институционална поддршка (државно, локално и внатре училишно ниво) и да се предложат можни начини за унапредување на истите. Поставената цел се остварува преку проучување на ставовите и мислењата на наставниците за политиките и праксата на професионалниот развој на наставници во Република Македонија и анализирање на законската и под законската легислатива на Р. Македонија (согласно европските перспективи) која ја регулира оваа проблематика.

„Ставовите и мислењата на наставиците во однос на дејноста која ја извршуваат се клучни за ефективно и ефикасно извршување на истата. Од тие причини очекуваме дека истражувањето ќе даде конкретни насоки за креирање на квалитетен модел за професионално усовршување на наставниците и ќе помогне во развојот на методолошките пристапи за проучување на оваа, се уште, недоволно развиена научна област“ додава професор Петровска.

Покрај проф.д-р Соња Петровска, во истражувањето се вклучени и доц. д-р Деспина Сивевска, доц. Д-р Билјана Попеска,  м-р Јадранка Рунчева и професорката по одделенска настава Јована Ступариќ.

Проектот треба да заврши во октомври, годинава, а добиените податоци и сознанија ќе можат да бидат имплементирани во рамки на државните и локалните образовни политики, како и во развојните планови на училиштата.

Последен пат изменето на Вторник, 15 Март 2016 15:54
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…