Земјоделски факултет го проучува составот на штетните и корисните инсекти кај доматот што се огледува во заштитен простор

Земјоделскиот факултет при УГД работи на проект „Eнтомофауна кај домати во заштитен простор при конвенционално и интегрално производство“. Во истражувачкиот тим на проектот се проф. д-р Душан Спасов, проф. д-р Саша Митрев, проф. д-р Драгица Спасова, проф. д-р Милан Ѓеорѓиевски, д-р Билјана Атанасова и дипл. инж. агроном Цветанка Арсова.

Главна цел на испитувањата на научниот тим од Земјоделскиот факултет е  утврдувањето на фаунистичкиот состав на штетните и корисните инсекти на доматот одгледуван во заштитени простори, при што детално ќе се утврдат нивниот квалитативен и квантитативен состав во ентомофауната на доматот.

Исто така, во тек е анализа на штетниците, како и на корисните инсекти кои се појавиле во заштитени простори како рано производство и во заштитените простори во услови на летно-есенско (касно) производство. Во план е да се направи детална анализа на присуството на штетниците и карниворните видови при конвенционалното и интегралното производство на доматите во заштитен простор.

Реализацијата на проектот започна кон крајот на јануари минатата година, а според динамиката на испитувањата ќе заврши во 2017 година.

Актуелноста и значењето на потребата за проучување на корисните и штетните инсекти кај доматот произлезе од неговата застапеност во Струмичкиот регион и проблемите кои се јавуваат секоја година како од економски, така и од еколошки аспект. Имено, за заштита на доматот од штетните инсекти се користат инсектициди, кои имаат негативно влијание на корисната ентомофауна, а воопшто и на околината.

За да се сочува корисната ентомофауна, а притоа проблемите со штетните видови да се решат на најефикасен начин, современиот систем предлага примена на интегрална заштита. Овој систем на мерки го потенцира значењето на агротехничките мерки, но не ги исклучува од употреба и хемиските мерки, иако нивната примена е рационализирана и строго одредена, врз основа на претходно утврдени економски и еколошки прагови на штетност на културата.

Предложените методи и активности во овој проект не предизвикуваат оштетувања на природните екосистеми. Предложените мерки за заштита ќе дадат акцент на непестицидните методи кои придонесуваат за одржување на природниот баланс и збогатување на биодиверизтетот во агроекосистемите. 

Од резултатите што ќе се добијат со реализацијата на овој проект како најзначајни се издвоени четири групи на корисници, и тоа: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за образование и наука, советодавните институции и земјоделците, како и нивните здруженија од областа на земјоделството.

Последен пат изменето на Четврток, 17 Март 2016 10:49
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…