1. Кои се главните цели на проектот?
Топло ја поздравувам идејата на менаџментот на УГД за финансирање и институционално поддржување на вакви проекти и професори, не само поради поддршка на професорите во нивниот професионален развој, туку и поради можноста да вклучиме во овие проекти и студенти, специјализанти, докторанди, соработници, односно млади луѓе.
Првата главна цел на мојот проект е преку утврдување и споредување на разни клинички релевантни ризик-фактори за суицид (негативни животни настани, причини/смисол за живеење, социјална поддршка, депресивност, надеж/безнадежност) научно да се осветли суицидалното мислење и однесување, посебно значењето на пасивните суицидални идеи, наспроти активните суицидални идеи во рамки на суицидалното мислење и однесување кај депресивни пациенти од психијатриските одделенија и здрави индивидуи. Втората цел е да се утврди присуството на пасивните и активните суицидални идеи и депресивноста, кај болни со дијагностициран карцином во максилофацијалната регија, со цел навремена превенција и овозоможување на подобар квалитет на живот. Третата цел е да се обезбедат, преведат и адаптираат за македонската популација психодијагностички инструменти кои подоцна може да ги користат истражувачи од УГД и клиничари во болниците со кои ФМН соработува.
2. Кога започна и кога треба да заврши?
Со истражувањето започнав веднаш по добивањето на согласностите од Клиничка болница - Штип (Одделение за максилофацијална хирургија и Психијатриско одделение) и Градска болница „8 Септември“ - Скопје и одобрување од Етички комитет од ФМН, односно кон крајот на 2014 година. Официјално, проектот започна во март 2015 година и треба да трае до март 2017 година, со можност, доколку се исполнат предвидени критериуми, да продолжи уште една година до март 2018 година.
Претходната идеја да користам комерцијални тестови кои чинеа огромна сума на пари и беа за еднократна употреба ја напуштив целосно, бидејќи успеав како некогашен стипендист на Американската влада и JFDP алумни да воспоставам личен контакт со одредени познати американски професори, автори на психолошки тестови кои ми дадоа лично одобрување за превод и адаптирање на нивните тестови на македонски јазик, кои не се за еднократна употреба и би можеле со моја дозвола да ги користат во иднина и други заинтересирани колеги од моја област. Ова сметам дека е од голем бенефит за Факултетот за медицински науки и УГД, и ќе им значи многу на идните истражувачи и клиничари, посебно бидејќи во Македонија не постојат такви стандардизирани психодијагностички инструменти.
3. Кои се членовите на истражувачкиот тим кој работи на проектот?
Поради спецификата на темата и истражувачкиот проблем, како и потребата од специфично образование за практичниот дел (лиценцирани клинички психолози и психијатри), јас лично сум вклучена секаде на спомнатите одделенија, временски и таму каде што дозволуваат условите. Но, без соработка и вклучување на други колеги невозможно е спроведување на истражување, посебно не вакво сложено истражување. Од Клиничка болница од Психијатриското одделение се вклучени асистенти од ФМН, асс. д-р Роза Беркова и другите колешки психијатри и психолози. Од Одделението за максилофацијална хирургија се вклучени асистентни од ФМН, асс. д-р Павле Коцев и асс. др. Владимир Милошев. Од Градска болница „8 Септември“ - Скопје се вклучени проф. д-р Сашо Стојчев, како и други колеги од Психијатрија. Досега вклучив неколку студентки од општа медицина кои учествуваат со трудови, под мое менторство, на два студентски конгреси и еден студент кој работи дипломска работа во рамки на проектот. Исто така, вклучив специјализантка од Градска болница „8 Септември“ - Скопје, која работи специјалистички труд во рамки на проектот. Во контакт сум и со колегите од Нирнберг и Холандија, како и со професорите од американски универзитети, чии тестови ги користам.
4. Какво влијание очекувате проектот да остави во полето на науката?
За жал, во Р. Македонија не можеме многу да се пофалиме со емпириски засновани стратегии за заштита и промоција на менталното здравје, ниту пак со примена на психодијагностика и психотерапија заснована претходно на емприски истражувања. За пример ќе ја земам КБТ терапијата, посебно нејзини помодерни правци, на чија едукација сум моментално во Белград, на Институт кој е дел од светски познат институт од Америка. Ова беше некако логично продолжување по завршувањето на моите втори докторски студии и одбраната на втората дисертација на Универзитетот во Белград, од областа на психопатологијата и психотерапијата. Ваква едукација едноставно не постои во Македонија, како ни стручњаци едуцирани да ја практицираат. Благодарна сум што во рамки на овој проект, оваа година, таа моја едукација е поддржана и институционално од УГД. Повторно низ призмата на споделување и давање на студентите, кога ќе ја завршам едукацијата можам да им го пренесам тоа знаење на младите кои се заинтересирани за ова и да иницирам нови научни истражувања во кои ќе вклучам млади истражувачи.Тоа е, исто голем, бенефит од проектот. УГД е несомнено пионер во развивањето на мојата област во земјата и јас гледам на Факултетот на медицински науки и на Катедрата за психијатрија и клиничка психологија, која ја основавме, во иднина како на важен центар за истражувања од областа на менталното здравје, што ќе биде препознатлив не само во земјава туку и пошироко. Многу ќе ми биде драго ако ми се приклучат заинтересирани млади луѓе. Ние во нив го гледаме понатамошниот развој на Универзитетот.
5. Каде ќе најдат практична примена резултатите од ова научно истражување?
Подигањето на свесноста и грижата за менталното здравје, и дестигматизација се, исто така, цели на овој проект за секојдневната пракса. Според мене, успешно научно истражување не е само она чии резултати се објавени во најпознати списанија со најголем импакт фактор, индексирани во комерцијални бази. Напротив, сметам дека успешно спроведено научно истражување е и она чиишто резултати ќе дадат бенефит во решавањето на практичните проблеми во нашето микро и макро опкружување, посебно кога станува збор за здравјето на човекот. Овој проект нуди неколку вакви решенија на практични проблеми, но и отвора видик за нови прашања и нови истражувачки проблеми.
Ќе ја искористам оваа можност да нагласам дека на менталното здравје и благосостојбата на младите треба да им се посвети дополнително внимание. Професијата на клинички психолог и психотерапевт и универзитетски професор, секојдневно опкружена со млади луѓе, ми овозможува побрзо и постручно од други да ги препознаам проблемите од сите сфери на живеење и функционирање на младите/студентите и да ја препознаам потребата од иницирање на нови научни истражувања. Во иднина планирам да побарам поддршка од раководството на УГД да ми овозможи, во согласност со почитување на сите етички процедури што постојат на светско ниво, да спроведам истражувања во кои ќе учествуваат студентите од различни факултети како испитаници. Од досегашните сознанија, кај нив постои голем интерес за вакви истражувања. Од соседните земји, па понатаму во светот, ова е секојдневна пракса на сите универзитети, бидејќи ние постоиме првично поради студентите и бидејќи сметам дека не се важни само нивните академски постигнувања, туку и нивната ментална благосостојба, важно е и колку се исполнети и среќни, важно е да развијат вештини да се справат со стрес, да бидат порезилиентни итн. Имам големи очекувања дека УГД ќе ме поддржи да го скршиме ледот во земјата за истражувања од менталното здравје на младите. Не смее да биде стигма нешто што е поврзано со менталното здравје, бидејќи ментално здравје не е само отсуство или присуство на болест, туку многу, многу повеќе.