Методи за дигитална реставрација на слики: истражување на Факултетот за информатика

Идејата за ова истражување произлегува од реалните проблеми каде што снимањето и прикажувањето на слики е многу често користен извор на информации. Поради недостатоците на процесите за сликање и снимање, снимените слики секогаш не претставуваат идентична верзија на оригиналната сцена.

Дигиталната реставрација на слики е значаен проблем кој наоѓа примена во повеќе научни области како: медицинска дијагностика, воено набљудување, сателитски и астрономски слики, далечинско отчитување и други. Денес реставрирањето на слики е предмет на интензивни истражувања и во индустријата и во научните институции. Големите мултинационални компании како „Самсунг“, „Филипс“, „Сименс“ и други вложуваат големи средства во научноистражувачката работа од оваа област.

Замаглувањето може да биде предизвикано од движење помеѓу камерата и оригиналната сцена или од оптичкиот систем кој не е прецизно фокусиран. Кај авионските фотографии, кои се наменети за далечинско отчитување, замаглувањето се разгледува како атмосферска турбуленција, отстапување на оптичкиот систем и релативното движење помеѓу камерата и површината на земјата. Ваквите замаглувања не се однесуваат само на оптичките слики. Исто така и скенерот за компјутеризирана томографија е подложен на растурање на X–зраци.

Целта на овој проект е развивање на ефикасни и доверливи методи за дигитална реставрација на слики со користење на математички модел за анализа на процесот за замаглувањето. Во фокусот на овој проект ќе бидат методите за отстранување на замагленост на слика, предизвикана од униформно линеарно движење. Ваквите методи се особено значајни во апликации кои се однесуваат на отстранување на заматувањето кај рендгенските слики, кај системот за автоматско препознавање на регистарски таблици, кај бар-код сликите, кај LCD телевизорите и мониторите и друго. Како последица од добиените резултати од нашите планирани истражувања веруваме дека ќе добиеме нови идеи за дизајнирање на посовршени системи за реставрација на слики. Нашите истражувања ќе бидат насочени кон развивање на нови директни методи, со позната преносна функција на замаглување.

Истражувањето на оваа тема се очекува да доведе до пронаоѓање на нови директни методи за дигитална реставрација на слики кои ќе се карактеризираат со подобрени перформанси во поглед на квалитетот на реставрираната слика, во споредба со стандардните вградени функции за реставрација во програмскиот пакет MATLAB. Исто така, се очекува да се намали и времето потребно за завршување на процесот на реставрирање во однос на стандардните методи.

- Очекуваме ова истражување да даде придонес во апликациите каде што отстранувањето на заматувањето т.е. замагленоста е од круцијална важност. Дел од карактеристичните апликации, во кои ова истражување ќе најде примена и можност за практична имплементација, се медицинската дијагностика, системите за автоматско препознавање на регистарски таблици кои ги користи граничната и сообраќајната полиција, бар-код читачите, во ЛЦД индустријата и друго.вели доц. д-р Игор Стојановиќ, главен истражувач и раководител на проектот

Реализација на проектот е започната во април 2014 година и е предвидено да трае до февруари 2017 година.

Во истражувачкиот тим се вклучени доц. д-р Игор Стојановиќ – главен истражувач и раководител на проектот, истражувачот доц. д-р Зоран Здравев и истражувачкиот тим од Природно-математичкиот факултет при Универзитет во Ниш проф. д-р Предраг Станимировиќ и проф. д-р Марко Миладиновиќ. Тимот го сочинуваат и тројца млади истражувачи: д-р Тодор Чекеровски, м-р Ана Љуботенска и дипл. инж. по информатика Иван Стојанов.

Последен пат изменето на Понеделник, 21 Март 2016 12:51
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…