Основната тема на трудот е утврдување дали на национално ниво постои индиректна дискриминација на жената во областа на работните односи во однос на висината на платата меѓу мажите и жените, којашто се манифестира во приватниот сектор и е резултат на економски, социокултурни и историски фактори, како во јавниот и во приватниот сектор преку помалиот процент на застапеност на раководни позиции, што е основа и за добивање на помала плата. Истражувањето покажа дека „во случајот со просечната плата на жените може да се констатира дека приближно 7% повеќе деловни субјекти исплаќаат плата од 10.000 до 15.000 денари на жените во однос на мажите и приближно двојно помалку деловни субјекти исплаќаат просечна плата од 20.000 до 25.000 денари на жените во однос на мажите”. Притоа, најранливи категории се жените Албанки, Ромки, жените со попреченост и жените со завршено основно образование.
Истражувањето заклучи дека жените просечно имаат за 25% помала плата во однос на мажите, а околу 40% разлика во платата на жените (пониска) во однос на мажите е најчеста во секторите: земјоделство, шумарство и рибарство, прехранбената индустрија, транспортот и складиштата и градежништвото. За крај, резултатите покажаа дека дури 77% од деловните субјекти во Источниот плански регион исплаќаат плата до 15.000 денари на своите работнички, во Југоисточниот регион овој процент е приближно 2/3, во Вардарскиот регион 57%, во Пелагонискиот регион котира високи 83%, во Југозападниот 45%, во Полошкиот 50% и во Скопскиот регион е 25%.
Овој труд е емпириски со солидно изработена методологија која се базира на податоци добиени од анкетни прашалници пополнети од страна на деловните субјекти во државата кои потоа се обработени во програмата ЅРЅЅ со користење на филтри и добивање на фреквенции, вкрстувања и Хи-квадрат анализа. Трудот има практична применлива вредност за сите заинтересирани чинители во областа на работната сфера и родовата еднаквост, како и за социјалните партнери, а за тоа посведочуваат и препораките за унапредување на оваа ситуација дадени на крај од трудот.
Автор на истражувачкиот извештај е проф. д-р Јован Ананиев, а уредник доцент д-р Жанета Попоска, двајцата од Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Трудот е достапен на: http://kzd.mk/mk/dokumenti/2014.