Целите на овој проект се:
- да се изврши металогенетско моделирање на комплексните рудоносни системи од типот на гранодиоритите на предметното подрачје на потегот Пештани – Чаниште;
- просторно, временски и генетски да се дефинираат наоѓалиштата на травертини, оникс и дијатомејска земја;
- просторно, временски и генетски да се дефинираат некои од пегматитските наоѓалишта;
- испитување, проучување и моделирање на генетските процеси:
- проучување на интрузивните фации на постојните магматизми;
- проучување на минералните асоцијации во наоѓалиштата;
- изучување на типовите на алтерациите со задолжителна рендгено-структурна анализа на примероците;
- проучување на геохемиската асоцијација на елементите, со посебен осврт на елементите на ретките земји;
- изработка на генетски модели на поедините наоѓалишта на минерални суровини.
Во реализацијата на предложениот научноистражувачки проект „Металогенетски и геохемиски проучувања на наоѓалиштата на неметални минерални суровини на Селечка Планина, Р. Македонија“ учествуваше следниов истражувачки тим: д-р Орце Спасовски, редовен професор, доктор на технички науки (главен истражувач), д-р Тодор Серафимовски, редовен професор, доктор на технички науки (истражувач), д-р Блажо Боев, редовен професор, доктор на технички науки (истражувач), д-р Горан Тасев, доцент, доктор на технички науки, (истражувач), Сашо Стојков, дипл. инж. геолог (млад истражувач).
Материјата што ќе беше предмет на проучувањата во рамките на предложениот научноистражувачки проект „Металогенетски и геохемиски проучувања на наоѓалиштата на неметални минерални суровини на Селечка Планина, Р. Македонија“ претставува многу специфична и актуелна проблематика од доменот на геологијата на наоѓалиштата на неметалните минерални суровини во светот и кај нас. Од тој аспект овие проучувања овозможија дефинирање на металогенетските, геохемиските, минералошко-петрографските, геолошко-економските и други сродни показатели на проучуваните минерални суровини во рамките на проучуваните наоѓалишта и појави. Поради големиот и различен дијапазон на употреба на неметалните минерални суровини детално се проучени различните и многубројни корисни својства на неметалите, бидејќи карактерот на својствата на неметалите ги одредува начинот и обемот на нивната употреба во различни индустриски гранки.
Проучувањето на хемијата на главните елементи овозможи класификација на карпите носители на минералната суровини во одделните наоѓалишта. Врз основа на составот и стабилноста на минералите во неизменетата карпа, како и составот на минералите во алтерисаните минерали се одреди мобилноста на елементите. Во рамките на овие проучувања посебно место заземаат елементите во траги, со кои се дефинирани геолошките процеси кои владееле на подрачјето кое е предмет на проучување, односно карактеристиките на магматскиот извор и тектонско-магматските процеси.
Со овие проучувања се опфатени наоѓалиштето на дијатомит (дијатомејска земја) помеѓу селата Манастир и Бешиште (од минералошки и геохемиски аспект), наоѓалиштата на травертин и оникс на просторот Гулабова Пештера – с. Бешиште и непосредната околина, наоѓалиштата на гранодиорити на потегот Пештани – Чаниште, како и некои пегматитски наоѓалишта присутни на споменатиот простор. Ова се содржини кои досега или не биле третирани или сосема малку биле обработувани, особено од научен аспект. Значаен придонес во науката дава генетското моделирање на наоѓалишта врз база на современите лабораториски испитувања во кои се вклучени хемиски, геохемиски, рендгено-структурните анализи и анализи сканинг – електронски микроскоп.
Резултатите добиени со испитувањата во рамките на научноистражувачкиот проект „Металогенетски и геохемиски карактеристики на неметалните минерални суровини на Селечка Планина, Р. Македонија“ имаат и голема практична примена.
Примената на резултатите во рамките на научниот дел се состои во насоките и применетите методи на интерпретација на добиените резултати, со што на идните истражувачи на слични терени во рамките на Р. Македонија и пошироко и даваат појдовна основа за проблематиката која е проучувана во научноистражувачкиот проект.
Добиените резултати имаат и практични значење во рамките на стопанството, а особено резултатите добиени со генетското моделирање на гранитоидните комплекси и секако моделирањето на наоѓалиштата на травертин и оникс. Моделирањето на наоѓалиштата овозможуваат насочување на експлоатационите работи во деловите со квалитетни блокови на проучуваните минерални суровини, имајќи предвид дека гранодиоритите, травертинот и ониксот претставуваат значаен украсен камен на просторите на Р. Македонија.