Во истражувањата кои му претходеа на овој научноистражувачки проект, проф. д-р Рушковска изработи една опсежна евалуација на дел од стандардните биомаркери на оксидативен стрес кај хемодијализните болни. Ова истражување беше направено во соработка со д-р Јуџин Јансен од Холандија, а резултатите се публикувани во меѓународно списание со импакт фактор (http://www.hindawi.com/journals/bmri/2014/843157/). Истражувањето укажа на комплексноста на евалуацијата на оксидативниот стрес кај хемодијализните болни и претставуваше основа за тековниот научноистражувачки проект.
Познато е дека анемијата е речиси редовно присутна кај пациентите со краен стадиум на хронична бубрежна болест кои се на третман со хемодијализа и дека третманот со еритропоетин и железо секогаш не ги дава посакуваните резултати. Од друга страна, постапкатa на хемодијализа, присуството на уремичните токсини во циркулацијата и оксидативниот стрес претставуваат значајни фактори кои влијаат врз интегритетот на еритроцитните мембрани. Исто така, некои од стандардните серумски биомаркери не даваат најверодостојна информација за степенот на оксидативен стрес кај хемодијализните болни. Сето ова претставуваше доволна причина вниманието да се насочи кон еритроцитите и степенот на оксидација на нивните мембрански протеини кои, во рамките на овој проект, се испитуваaт во функција на суплементацијата со витамин Ц.
Првата фаза од клиничкото истражување е реализирана во соработка со Одделението за хемодијализа при Клиничката болница во Штип, под раководство на д-р Славе Димитров. Дел од анализите и подготовката на примероците се реализирани во Штип, а идентификацијата на анкиринот како најинтензивно оксидиран протеин во еритроцитните мембрани кај хемодијализните болни е направена во соработка со проф. Хелен Грифитс од Велика Британија и нејзиниот истражувачки тим. Резултатите од ова истражување се публикувани во едно од најпрестижните списанија од областа, Free Radical Research (http://www.tandfonline.com/doi/abs/10.3109/10715762.2014.991725).
Во рамките на ова истражување, исто така, е утврдено дека суплементацијата со витамин Ц ја намалува оксидацијата на протеините од еритроцитните мембрани кај хемодијализните болни.
Но, истражувањата не застануваат тука. Неодамна проектот е продолжен за уште една година, со цел да се продолжи со проучување на морфологијата на еритроцититите кај хемодијализните болни, како и некои други својства на еритроцитните мембрани. Планирано е овие истражувања да бидат основа за изработката на докторската дисертација на асс. Мишко Милев од Факултетот за медицински науки, кој е еден од учесниците во проектот. Секако, има простор и за други млади истражувачи – студенти од Факултетот за медицински науки, кои сѐ уште можат да се вклучат во истражувањата во рамките на изработката на нивните дипломски или специјалистички трудови.
Раководителката на проектот, проф. д-р Татјана Рушковска очекува дека резултатите од овие истражувања ќе дадат значаен придонес во расветлувањето на комплексната патогенеза на анемичниот синдром кај хемодијализните болни, каде што се инволвирани поголем број фактори, вклучително и оксидативниот стрес. Овие истражувања, заедно со истражувањата од останатите истражувачки групи во светот, се во функција на изнаоѓање на нови видови на третман на анемијата и нарушениот оксидативен статус кај хемодијализните болни.