- Има два тима, од коишто едниот е против квантитет за квалитет и обратно. Работниот јазик на дебатата е англиски. И целта е студентите да ги кажат своите ставови за прашање кое е од големо значење за денешното образование. Дебатите се нешто редовно, бидејќи таму наоѓаат начин студентите да го изразат својот став за теми поврзани со политиката и со правото - истакна продеканката за настава на Правниот факултет при УГД, доц. д-р Олга Кошевалиска.
Студентите беа подготвени на темата и учествуваа по тројца студенти од Правниот факултет во секој од тимовите. Секој студент ја застапуваше својата теза.
- Во оваа дебата сум претставник на тимот кој го застапува ставот за квалитет во образованието. Имаме многу аргументи. Еден од нив е дека треба да се зголемат стандардите коишто ги бараат нашите универзитети. Тоа би се реализирало со зголемени критериуми за прием на студентите. Имаме аргументи кои се однесуваат на зголемување на праксата и, исто така, интересна точка е ефективноста на ЕКТС системот - истакна студентот Филип Кулаков кој беше во тимот на афирмативците, односно на оние кои сметаат дека е поважен квалитет наспроти квантитет во образованието.
Спротивната страна од студентите, пак, смета дека за да се подобри образованието потребно е да се зголеми квантитетот.
- Јас сум од страната на тимот на негативци и зборувам за квантитетот во образованието. Ние сметаме дека квантитетот не допира до квалитетот на образованието и потребно е да имаат поголеми квоти за упис на универзитети, односно да дозволат да се запишуваат повеќе студенти. Тоа не значи дека сите што ќе се запишат мора да завршат факултет доколку не докажат квалитет во неговото студирање - истакна Мартина Ѓеорѓиева од тимот на студенти кои го застапуваа квантитетот пред квалитетот.
Со оглед на тоа дека дебатата се одвиваше на англиски јазик, учествуваше и студентка од Литванија која е овде на Еразмус размена. Таа ја застапуваше страната на квантитетот.
- Учествувам во оваа дебата. Јас сум за фактот дека квантитетот е поважен од квалитетот. Веќе слушнавте дел од аргументите и се надевам дека ќе победам денес. Основен аргумент е дека образованието е основно човеково право и тоа оди во прилог на квантитетот во образованието - истакна Јута Лиуткевичиуте, студентка од Литванија која во дебатата беше во тимот на негативци.
На крајот, според гласовите од публиката, победи тимот на негативците, односно ставовите дека во политиките на образование поважен е квантитетот наспроти квалитетот. Целосната дебата ќе можете да ја погледнете на следниов линк.