(Видео) Економски факултет воспостави соработка со Економската асоцијација од Европа и од Азија

Економскиот факултет при УГД денеска воспостави соработка со Економската асоцијација ЕБЕС, која делува на ниво на Европа и на Азија. Станува збор за една од најголемите економски асоцијации, чиј заменик-претседател Мехмед Хусеин Билгин изминативе неколку дена е во посета на Економскиот факултет. 

- Почестени сме со гостувањето на професорот Билгин, кој доаѓа од Државниот универзитет во Истанбул. Освен како професор, тој овде доаѓа како заменик-претседател на Економската асоцијација ЕБЕС, која ги организира најпознатите конференции од областа на економските и општествените науки на ниво на Европа и на Азија. Со потпишувањето на овој Договор ќе се продлабочи соработката што ние ја почнавме на конференциите на ЕБЕС со можноста сите професори од економскиот и останатите факултети од општествените науки да имаат подобри можности и шанси за публикација во овие списанија - истакна продеканот проф. д-р Љупчо Давчев.

Професорот Билгин, покрај потпишувањето на Договорот, одржа и три предавања за студентите на УГД. Предавањата ги одржа пред студентите од Економскиот факултет во Штип, Струмица и во Скопје.

- Добив покана од своите колеги и многу ми е драго што сум овде. Ќе одржам три семинари овде пред студентите. Моето предавање ќе биде за трговската размена меѓу Македонија и Турција. Во предавањата ќе дадам детали за турската економија и за пријателските односи меѓу двете земји. Двете земји имаат добри односи во политиката и во економијата. Сигурно знаете дека Турција е првата земја што ја призна независноста на Македонија и овие добри односи можат да се забележат и во економијата и во размената. Денес размената меѓу двете земји изнесува 400 милиони долари, а договорено е таа бројка да порасне до една милијарда за неколку години - истакна проф. д-р Мехмед Хусеин Билгин.

Продеканот Давчев и професорот Билгин посочија дека заедничката соработка ќе продолжи, а во план се и заеднички истражувачки проекти кои ќе ги прават професорите од двата универзитета. Мехмед Хусеин Билгин е економски експерт, кој во моментов е редовен професор на Државниот универзитет во Истанбул.

Последен пат изменето на Среда, 27 Април 2016 15:23
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…