Всушност, се работи за методот кинезиотејпинг (kinesiotaping), Јапонски метод кој е базиран на природно лекување на сопственото тело. За создавач се смета д-р. Кензо Касе, познат јапонски хиропрактичар. Лентата која се користи при овој метод на лекување настанала како одговор на ограничувањата со кои се сретнал при работа со своите пациенти.
Техниката се состои во апликација на специјално дизајниран Kinesiotex фластер (популарно наречено кинезио лента) на точно одреден дел на телото.
Во зависност од начинот на апликација се постигнува саканото дејство. Kineziotex тејпингот е тенок, памучен и леплив фластер кој може во зависност од потребите до 100% да ја зголеми својата должина при истегање.
Со правилно истегнување и примена на точно одреден дел на телото се постигнуваат одлични ефекти.
Кинезиотејпинг лентите не ги попречуваат секојдневните активности на болниот бидејќи се водоотпорни.
Дејството на кинезиотејпингот е докажано со ефикасна активација на невролошките и циркулаторните системи.
Основни физиолошки придобивки од овие кинезио ленти се намалување на болка, подобрување на циркулацијата, санирање на отокот, подобрување на движења во зглобот, подобрување на мускулната функција и нивна релаксација.
Предноста е во тоа што може да се користи од акутна до крајна фаза на рехабилитација. Може да се препорача скоро кај сите, од детско до најстаро доба. Се препорачува дури и кај деца со церебрална парализа во рана фаза на терапијата или пак при појави како искривување на рбетот..
Овој метод покажува одлични резултати и кај професионални спортисти, така што во светот на спортот има широка примена. За позитивните ефекти на овој метод сведочат познати спортисти како Кери Волш, Ленс Армстронг, Серена Вилијамс и многу други.
м-р Тоше Крстев, Факултет за медицински науки.