Јордан Плевнеш рекол: „Македонскиот јазик е интерконтинентален јазик, бидејќи на него се зборува, се учи, пишува и сонува во Европа: во Република Македонија како национален јазик, во соседните земји Грција, Бугарија, Албанија, Србија како малцински јазик и во европските држави, каде што живеат македонски заедници, во Германија, Франција, Италија, Шведска, Данска, Швајцарија, Белгија и во други како семеен јазик“.
Овој труд се концентрира на афирмацијата на македонскиот јазик во германскојазичните подрачја, пред сè во Австрија и во Германија.
Уште во 19 век најзначајните имиња на славистичката наука од Катедрата за славистика при Универзитетот во Виена, која важи за една од најзначајните во Европа, во своите изданија на речници, граматики и сл. користеле метеријали од македонски ракописи што биле напишани на некогашниот црковнословенски јазик, но и од дела на познати македонски преродбеници како што се: браќата Миладиновци, Пулевски, Верковиќ и др.
Во 1890 година во Виена излегува од печат брошурата „Народноста на македонските Словени“ од Карл Хрон (оригинален наслов „Das Volkstum der Slaven Makedoniens. Ein Beitrag zur Klärung der Orientfrage“) во која авторот изнесува факти за постоењето на македонски народни говори кои сочинуваат посебен јазик (сп. Црвенковска 2008:85). Во рамките на истата школа Ватрослав Јагиќ го истражува старословенскиот јазик и ја создава македонската теорија, според која се утврдува дека старословенскиот јазик се базира на јужномакедонските дијалекти од околината на Солун. Неговиот ученик Ватрослав Облак ги продолжува истражувањата на својот учител и ја објавува книгата „Македонски студии“ (оригинален наслов „Mazedonische Studien“) во Виена во 1896 година.
Освен тоа, во рамките на Виенскиот центар се одбранети и неколку докторски дисертации, и тоа: Beitrag zur Charakterisierung der Sprache Makedoniens (unter besonderer Berücksichtigung des Dialektes von Bitola-Monastir од страна на Персида Вирет во 1947 година, Terminologie der makedonischen Gegenwartssprache im Bereich des Hauswesens mit besonderer Berücksichtigung der Lehnwörter und ihrer Adaptation im Makedonischen од Христина Вилд во 1986 година и др.
Од 1978 година на Универзитетот во Виена 12 години се изучувал македонскиот јазик. Наставата ја изведувал македонски лектор и некои професори од Универзитетот во Виена. Во Виена имало и Лекторат по македонски јазик, кој по распаѓањето на Југославија престанал да работи. Тамошните кадри продолжиле да држат теориска настава по македонски јазик.
Во Германија, уште во 16 век, некои патописци, географи и др. пишувале за Македонија. Германскиот научник Леонард Зигмунд Шулце - Јена во 1927 год. ја издава книгата „Македонија - слики на пределот и културата“ (оригинален наслов „Makedonien: Landschafts - und Kulturbilder“), во која ја истакнува посебноста на македонскиот народ и јазик.
Во втората половина на 60-тите години на минатиот век е отворен Лекторат по македонски јазик на Универзитетот „Мартин Лутер“ во Хале. Првиот дипломиран македонист во Хале е Гизела Харванек. На истиот Универзитет таа ја одбранила и својата докторска дисертација со наслов „Minato neopredeleno vreme in der makedonischen Gegenwartssprache“. Подоцна таа предавала македонски јазик на овој Универзитет. Универзитетската библиотека и Лекторатот во Хале ја имаат најбогатата македонистичка библиотека на тлото на Германија.
Македонскиот јазик се изучува и на курсеви во Берлин, Манхајм и во Келн. Во Келн една група студенти го изучува македонскиот јазик кај проф. Волф Ошлис, кој е и автор на првиот учебник по македонски јазик (оригинален наслов „Lehrbuch der mazedonischen Sprache“) во несловенските земји.
Денес во германскојазичните земји може да се купат разговорници, речници, софтвери, прирачници за македонски јазик, а можат да се користат и услуги преку интернет, како што е преведувањето од германски јазик на македонски јазик и обратно.
Иако многумина сметаат дека македонскиот јазик спаѓа во групата на т.н. „мали“ јазици, сепак тој треба да биде еднакво вреден со другите европски јазици. Теоретичарите сметаат дека ние како Македонци најпрво треба да се ослободиме од чувството дека нашиот јазик е помалку вреден од другите. За таа цел тие предлагаат: правилна јазична политика која ќе нѐ учи на почитување на сопствениот јазик и неговата соодветна употреба на сите јазични нивоа, почитување на Законот за употреба на македонскиот јазик, спроведување квалитетна настава од основно до високо образование, државна политика која во вистинска смисла ќе ги поддржува научноистражувачките проекти од областа на јазикот, ослободување на јазикот и културата од глобалната политика.