УГД Живот
Универзитетот „Гоце Делчев“ со тим од свои вработени и годинава беше дел од Скопскиот Виз-ер маратон. На одлично организираното 17-то издание УГД имаше свои претставници на полумаратонот, како и на трката на 5 километри, замислена повеќе како тим билдинг, што се покажува повеќе од корисно.
На некои факултети денес беше одржан првиот академски час. Факултетите, зависно од нивната бројка на студенти и условите самостојно одлучуваа за начинот на одржување на првиот академски час. Онлајн прв академски час одржа Правниот факултет, а со физичко присуство денес првиот академски час го одржаа и добредојде им посакаа деканите, и продеканите на Земјоделскиот факултет, Филолошкиот факултет, Економскиот факултет и Филмската академија. Останатите факултети, дел онлајн, дел со физичко присуство својот прв академски час ќе го одржат во понеделник 04.10.2021.
Во продолжение проследете ги поздравните говори и дел од атмосферата на факултетите на УГД:
Прв академски час
Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ формираше Правна клиника преку која им дава бесплатна правна помош на заинтересираните.
„Во услови кога напорите за остварување на социјална правда и еднаквост не ги даваат очекуваните резултати, па така голем број граѓани и маргинализирани групи не се во можност (или не знаат) како да ги остварат своите права, сосема оправдано се наметнува потребата од бесплатна правна помош како значаен императив во остварувањето на концептот на владеење на правото“, се вели во соопштението од Правниот факултет.
Правната клиника е посебна организациска единица на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип чија основна надлежност би била обезбедување примарна бесплатна правна помош онаму каде што е најпотребна. Основниот мотив е да се подигне свеста за значењето и содржината на бесплатната правна помош и можностите кои се нудат во таа насока, како и да се работи во конкретни случаи со граѓани кои имаат потреба од помош, а не се во состојба да обезбедат остварување на своите законски права преку некој од достапните механизми на заштита.
„Со оглед на тоа дека Правната клиника неодамна почна со работа, нашите напори во моментот се насочени кон тоа да се промовираме како овластени даватели на правна помош, како би овозможиле што е можно поголем круг на граѓани (првенствено оние кои се најзасегнати) да се информираат за нашето постоење и она што го работиме“, велат од Правниот факултет.
Клиниката од неодамна овозможи и електронско поднесување на барања, па така им се олеснува достапноста до правда на сите оние кои имаат потреба од тоа. Повеќе информации можете да најдете на следниов линк: https://pf.ugd.edu.mk/index.php/mk/za-fakultetot/pravna-klinika.
Новата студиска година официјално започнува утре, а првиот академски час ќе се одвива согласно со распоредите на факултетите. Со оглед на тоа дека и годинава образованието се одвива според посебни протоколи за работа сите факултети во рамките на УГД поединечно го организираат првиот академски час. По тој повод ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, имаше обраќање до идните студенти кои оваа година одлучиле да станат дел од УГД. Обраќањето на ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, проследете го во целост во продолжение.
Името на Блаже Конески е меѓу најзначајните за македонската литература, култура, книжевност, јазик... Со оглед на тоа што оваа година се навршуваат 100 години од неговото раѓање, 2021 година беше прогласена за „Година на Конески“ и во текот на цела година се организираа настани во негова чест.
На 5 мај 2021 година се одржа настанот „Ние за Конески“, организиран од Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при УГД - Штип, со што Филолошкиот факултет даде сопствен придонес во одбележувањето на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот Блаже Конески.
Настанот одржан во чест на Конески беше препознаен и поддржан од страна на Фондацијата „Небрегово“ и по тој повод на 24 септември се одржа свеченост во родната куќа на Конески, во Небрегово. На настанот им се доделени плакети на институции и поединци кои дале свој придонес во одбележувањето на овогодишниот јубилеј - 100 години од раѓањето на Блаже Конески и 20 години од формирањето на Фондација „Небрегово“.
Деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Драгана Кузмановска, продеканката, проф. д-р Весна Коцева и раководителката на Катедрата за македонски јазик и книжевност, доц. д-р Ана Витанова-Рингачева, го примија со огромна чест ова признание кое е од огромно значење за Филолошки и Македонистика на УГД.
Ова е само дел од активностите на Филолошки факултет и Катедрата за македонски јазик и книжевност во чест на Блаже Конески и еден голем показател и пример за почитувањето на неговото дело.
ЈАЗИЧНАТА РАЗНОЛИКОСТ КАКО ПРЕДУСЛОВ ЗА МЕЃУКУЛТУРНОТО РАЗБИРАЊЕ
По повод Европскиот ден на јазиците, студентите од Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип изработија кратки видеоприказни со интересни факти за македонскиот, англискиот, италијанскиот, рускиот, шпанскиот, турскиот и германскиот јазик.
Согласно со сите протоколи и мерки за заштита од ковид-19, во Градскиот парк во Скопје се одржа деветтата по ред „Авицена женска трка“.
Неверојатна енергија и одлични пораки беа дел и од оваа женска трка која годинава имаше една поживописна патека околу зеленило, дрвја, реката Вардар.
Дами од сите возрасти на едно место истрчаа симболични 3 километри, а најдобрите 3 во генералниот пласман добија дипломи и пехари.
Универзитетот „Гоце Делчев“ имаше свои претставнички кои со солидни резултати ја истрчаа трката. УГД тимот можеби беше и најмаркантен поради маичките кои им беа поделени на вработените од Универзитетскиот спортски и културен центар.
Следна трка е Wizz air маратонот. Дотогаш чувајте се и подготвувајте се!