УГД Живот
Овој викенд се одиграа натпреварите од првата државна лига во одбојка. Женската екипа на УГД на домашен терен играше возбудлив и драматичен меч и на крајот во петтиот сет го загуби натпреварот против екипата на ОК „Фит фан“ од Скопје. Натпреварот заврши со резултат од 2 : 3 во сетови, во корист на скопската екипа.
Машките одбојкари гостуваа во Скопје на екипата на ОК „Јанта волеј“. Во подеднакво тежок натпревар мажите на УГД успеаја да извојуваат победа со 3 : 2. Ова е втора победа на машката екипа, кои претходното коло ја победија екипата на О.К „Весна“ од Пробиштип исто така со 3 : 2.
Во следното коло и машката и женската екипа ќе играат на домашен терен во Спортската сала „Јордан Мијалков“. Жените ќе играат против екипата на „Јанта волеј“ од Скопје, додека пак мажите против екипата на „Шкендија“ од Тетово. Двата натпревари е предвидено да одиграат во сабота (13.3.2021 г.).
Универзитетот „Гоце Делчев“ ја задржува втората позиција во Северна Македонија на речиси сите ранг-листи. Двете големи организации кои се релевантни во областа на рангирање на универзитети се Вебометрикс и Униранк.
Овие институции вршат годишни рангирања преку кои анализираат неколку параметри на универзитетите. Параметрите се анализираат генерално преку веб присутноста на универзитетите со нивните капацитети.
Рангирањето, кое е објавено на нивната веб-страница, се прави по неколку основи и тоа присутност на интернет (големина на веб простор, зафатеност на веб од страна на институцијата и слично), влијание (надворешни мрежи и контакти, колку други институции ја поврзуваат институцијата во нивни линкови и контакти), отвореност (број на цитати од топ автори) и научност (број на научни трудови во топ 10% цитирани автори од 26 научни дисциплини).
На глобално ниво УГД се наоѓа на 3462. позиција, а во Северна Македонија прв на оваа листа е најстариот универзитет во државата Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Според Вебометрикс рангирањето е на следниов начин:
- Универзитет „Св. Кирил и Методиј” - Скопје
- Универзитет „Гоце Делчев” - Штип
- Универзитет на Југоисточна Европа
- Државен универзитет во Тетово
- Универзитет „Св. Климент Охридски” - Битола
- Меѓународен балкански универзитет
- Американски универзитет на Европа - ФОН
- Универзитет американ колеџ
- Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ - Охрид
- Меѓународен славјански универзитет (МСУ) „Гаврило Романович Державин“
- Универзитет „Мајка Тереза“
- Универзитет за туризам и менаџмент - Скопје
- Меѓународен универзитет - Струга
- Висока школа за новинарство и за односи со јавноста
- Евро колеџ Куманово
- Бизнис академија „Смилевски“ - Скопје
- МИТ Универзитет
- Меѓународен универзитет „Визион“ - Гостивар
- Интегриран бизнис факултет (НЕОКОМ) - Скопје
- Воена академија „Генерал Михајло Апостолски“
- Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕСРА - Скопје
- Европски универзитет на Северна Македонија.
Покрај рангирањето на Вебометрикс, слични позиции на македонските универзитети има и Униранк, каде што се рангирани 15 универзитети од Северна Македонија. И на ова рангирање УГД се наоѓа на втората позиција во Северна Македонија.
Рангирањата се слични речиси на сите истражувања за квалитет на високото образование кои се прават од различни институции во светот. Слични резултати покажа и истражувањето на најреномираниот универзитет во областа на универзитетското рангирање, Универзитетот во Шангај.
Амбасадорката на Велика Британија во Република Северна Македонија Н.Е. Рејчел Галовеј вчера го посети Универзитетското радио УГД ФМ, при што одржа средба со вработените на која се разговараше за развојот на медиумите во рамките на УГД и воопшто. На состанокот уште еднаш беше истакната поддршката која Британската амбасада ја дава на универзитетските медиуми и нивниот развој и на универзитетот воопшто. Амбасадата на Британија е вклучена во голем балкански проект во кој преку зајакнување на капацитетите поддржува преку 20-тина медиуми од целиот Балкан, меѓу кои се и медиумите во рамките на УГД (радио, веб, весници и ТВ).
Амбасадорката Галовеј во рамките на својата посета реализираше и интервју за Универзитетското радио и ТВ, при што истакна дека поддршката која меѓународната заедница ја има кон медиумите е сериозна и таа ќе продолжи и во иднина.
- Ние сме многу посветени на поддршката на слободата на медиумите во целиот свет. Тоа беше голема кампања на Владата на Велика Британија. Ова е нешто на што и јас и Амбасадата работиме во последните неколку години. Имаме тесна соработка со новинарите, Здружението на новинари и сметам дека тоа е многу важна работа. За граѓаните да ја добијат транспарентноста и достапот до информации кои им се потребни, треба не само добри и силни национални медиуми, туку и локални медиуми кои известуваат за работи за кои луѓето во локалните средини се интересираат. Тие ги разбираат проблемите на луѓето во локалните заедници. Сметам дека силни и поефективни локални медиуми се витални, не само овде, туку насекаде. Сметам дека ова е област во која треба да продолжиме да работиме заедно. Навистина ми е мило што Универзитетското радио, кое игра многу важна улога да допре до младите луѓе, е една од организациите со кои ќе работиме - истакна во разговорот амбасадорката на Британија, Рејчел Галовеј.
Покрај тоа, беше истакнато дека тие како Амбасада се залагаат и поддржуваат и студенти преку програми во високото образование.
- Нема иднина за државата без добро образование. Толку е едноставно. Навистина сум горда на некои од проектите на кои работевме досега. Продолжуваме и со системот на стипендии. Овде се Шевенинг стипендиите преку кои младите Македонци можат да патуваат во Велика Британија, да магистрираат и да се вратат овде, да ги донесат вештините со кои ги стекнале таму во која било област - истакна Галовеј.
Таа посочи и дека во наредниот период ќе се работи на директна соработка на Амбасадата со универзитетите, преку која соработка ќе може најголемиот бенефит да го имаат студентите. Целосното интервју за универзитетските медиуми погледнете го во видеото.
Галерија
Во рамките на првата одбојкарска лига, викендот одбојкарските клубови на УГД ќе одиграат неколку натпревари.
Женскиот клуб „УГД студент“ ќе игра во сабота (20.2.2021 г.) во 15 часот против ОК „Македонија макс“ од Струмица.
Истиот ден во 19 часот ќе се сретнат машкиот одбојкарски клуб на УГД против клубот „Лирија“ од Тетово.
Двата натпревари ќе се одиграат во Спортската сала „Јордан Мијалко“ во Штип.
Во недела (21.2.2021 г.) ќе се одржи Државно првенство за младинки на кое покрај УГД ќе настапат екипите на ОК „Куманово“ и ОК „Весна Пробиштип“. Турнирот ќе започне во 11 часот во Спортската сала „Јордан Мијалков“.
Младинците на УГД истиот ден ќе учествуваат на Државно првенство за младинци во Скопје. Покрај екипата на УГД ќе настапат екипите на ОК „Шкендија“ од Тетово, ОК „Џио“ од Струмица и ОК „Јанта волеј“ од Скопје. Натпреварите започнуваат во 14 часот во ОУ „Крсте Мисирков“ во населба Ченто.
Универзитетскиот спортски и културен центар при УГД, во соработка со Универзитетот Еотвос (Eotvos University) во Будимпешта, Унгарија, беше организатор на Првата интернационална работилница за универзитетски спорт која се организираше во рамките на INSHS (International Network on Sport and Health Science), Интернационалната мрежа за истражување во спортот и здравјето.
Денот на раѓањето на Гоце Делчев, 4 февруари, беше одбележан во Штип.
Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Блажо Боев, упати писмо со сочувство до Македонската aкадемија на науките и уметностите по повод смртта на академик Георги Старделов.