УГД Живот

Преку проект кој е насловен како „Тениски клуб за двојни кариери“, Универзитетот „Гоце Делчев“ заедно со неколку други спортски организации и институции од странство ќе креира програми за обука на спортистите да имаат двојни кариери. Целта е да се развијат курикулуми преку кои спортистите ќе добиваат вештини кои ќе им помогнат да развијат кариери и надвор од нивниот професионален спортски ангажман.  

Целта е да им дадеме уште една можност на елитните спортисти да се реализираат. За време на својата спортска кариера тие вложуваат исклучително многу во подготовката и многу често образованието и нивните лични интереси се во втор план. Во моментот кога ќе прекине нивната спортска кариера тие се пред сериозен проблем, како да продолжат понатаму во животот. Проектот е насочен за создавање на двојни кариери за активни спортисти. Овој проект ќе им даде можност да добијат знаење за да можат да организираат свои клубови или да менаџираа клубови. Ќе добијат знаење за подготовка на млади играчи, како да ја поддржат спортската база, како се организира спортски клуб“, изјави Мариана Ненова, менаџер на проектот и претседател на спортскиот клуб „Дема“ од Бугарија.

Денес во просториите на УГД се одржа состанок во рамките на овој проект на кој беа презентирани досегашните анализи и достигнувања.

Ние направивме поголемо истражување во секоја од државите учесници во проектот. Истражувањето е наменето за спортисти, односно тенисери за тоа како тие се вклучени во овој процес. Имаше и интервјуа на тренери и менаџери на спортски клубови. Ги анализиравме и законските регулативи и дали постои концепт на двојни кариери во секоја од државите. Резултатите покажуваат дека сѐ уште не е познат концептот на двојни кариери, особено кај спортистите. Тоа е нешто на кое треба да се работи во иднина“, изјави проф. д-р Билјана Попеска од УГД.

Универзитетот „Гоце Делчев“ е вклучен во овој проект преку Спортскиот и културен центар, а улогата е да даде активен придонес во истражувањата и научните анализи кои ќе се прават во врска со проектот. Покрај УГД вклучени се и тениски клубови од Романија, Бугарија и Австрија и Спортски клуб од Грција.

 

Библиотеката на Филолошкиот факултет е побогата за личната колекција книги на проф. д-р Живко Цветковски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Професорот Цветковски, кој е член на Управниот одбор на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, се определил неговата лична библиотека да биде донирана на Филолошкиот факултет при УГД, односно на Катедрата за македонски јазик:

-Оваа година имаме два јубилеја – 100 години од раѓањето на Блаже Конески и 20 години од постоењето на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“. Во нашата програма имаме зацртано три работи: најдостоинствено да се оддолжиме на ликот и делото на Конески, да го зачуваме и продолжиме неговото дело. Фондацијата има 20 години богата издавачка дејност и нејзините изданија се достапни и овде на УГД. Проф. д-р Живко Цветковски како член на УО на Фондацијата се определи неговата лична библиотека да биде донирана во УГД, на Катедрата за македонски јазик. И трето, Фондацијата, според нејзините програмски определби, се определува нејзините активности да бидат оваа година одржани во повеќе места во државата, и ова е конкретен пример. Ова е потврда на конкретен, непосреден и достоинствен начин зборот на големиот Блаже Конески да допре до најмладите. Тоа го потврдува и оваа донација – изјави Атанас Конески, секретар на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“.

- На наше големо задоволство, ценетиот професор д-р Живко Цветковски одлучи да ни ја подари неговата лична библиотека и со тоа нѐ задолжи да се грижиме и понатаму за македонскиот јазик, за литературата, и да го негуваме како што и досега сме правеле, но сега ќе имаме поголем број на публикации кои и тој ги користел во своите истражувања. Сега ние како наставнички и соработнички кадар, но и студентите ќе ги користиме. Ако ние не си го негуваме јазикот во ова време-невреме тогаш не можеме да очекуваме дека другите ќе го сторат тоа за нас. Професорот Цветковски денес навистина нѐ почести и ни укажа дека навистина сме на добар пат и ќе продолжиме така – изјави деканката на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Драгана Кузмановска.

Сѐ уште во неверување и со голема тага и загуба ја споделуваме веста за прераното заминување на проф. д-р Виолета Димова, прва деканка на Филолошкиот факултет при УГД. Професор, научен работник, методичар, книжевник и лингвист. Неколку месеци претходно заедно ја осмислувавме првата, ударна реченица за тажната вест за нашата професорка Жане, проф. д-р Снежана Веновска-Антовска. Драга колешке, и уште помила пријателке, морам ова да го напишам сама. Мораме да создадеме нешто сами, а во нејзина чест, онака како што таа ни остави аманет да функционираме – секој во својата област, а сепак сите заедно во еден тим. Нејзиниот спомен и нејзиното дело остануваат засекогаш“ – изјави деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Драгана Кузмановска на настанот одржан во чест на проф. д-р Виолета Димова, која почина на 7 мај годинава. Филолошкиот факултет  при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип на посебен начин се прости и се потсети на проф. д-р Виолета Димова, со прикажување на краток филм посветен на Димова, книга која исто така е посветена на прерано починатата професорка. На настанот се обрати и ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, како и најблиската соработничка на Димова, професорката Луси Караниколова-Чочоровска. На членовите на семејството на проф. Виолета Димова им беше предадена плакета, како и првиот примерок од книгата посветена на неа.

Проф. д-р Виолета Димова голем дел од својот работен век го помина токму на Филолошкиот факултет при УГД, оставајќи длабок печат со својот ангажман, со својот однос како со колегите на Факултетот и на Универзитетот, така и со генерациите на студенти кои ги учеа македонскиот јазик и светската книжевност под нејзино менторство. Проф. д-р Виолета Димова учествуваше во основањето и беше прв декан на Филолошкиот факултет при УГД. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на повеќе научни трудови од областа на методиката и теоријата на книжевноста, а добитник е и на Меѓународната награда „Ана Франк“ за посебен придонес во интерпретацијата на литературата за деца.

 

Претставници на Универзитетот „Фират“ во Турција неодамна беа во работна посета на Универзитетот „Гоце Делчев“. На средбата се разговараше за продлабочување на соработката и можностите кои двата универзитети ги имаат во насока на размена на искуства, студенти и работа на заеднички проекти.

Универзитетот во Турција има одлични искуства во отворање на бизниси во рамките на факултетите од страна на студенти и професори.

Универзитетот „Гоце Делчев“ изрази желба да се започне соработка на ниво на неколку факултети. За почеток соработката ќе се одвива со Факултетот за природни и технички науки и на Факултетот за информатика.

Универзитетот „Фират“ е основан во 1975 година, а денес брои преку 30.000 студенти. Станува збор за еден од подобро рангираните универзитети во Турција, а соработката со УГД ја иницираше проф. д-р Махмуд Челик од Филолошкиот факултет при УГД.

Утре (1 јули 2021 г.) се отвора Електронската платформа за пријавување на новите студенти на УГД. Платформата ќе биде отворена до средината на септември, кога завршуваат сите активности во делот на пријавување и запишување на новите студенти на Универзитет „Гоце Делчев“. Сите кои ќе извршат пријавување на електронската платформа ќе треба да ги достават своите документи во време кога им одговара. Локациите за достава ги има на веб-страницата на УГД.

Оваа платформа овозможува комплетно интегрирано пријавување и запишување на сите студенти на Универзитетот по електронски пат. Сите активности што студентите ќе сакаат да ги направат во делот на пријавување и запишување ќе можат да се направат електронски. Може да се направи и во физичка форма, доколку ценат дека треба да го сторат тоа, кон крајот на август или во почетокот на септември“, изјави ректорот проф. д-р Блажо Боев на денешната прес-конференција.

Според Конкурсот кој веќе е објавен на УГД, на сите студиски програми има вкупно 4142 слободни места за новите студенти.

Според статистиката во делот на завршени средношколци ние би можеле да запишеме околу 2000 студенти, со оглед на тоа дека има голем број на високообразовни установи. Ние нудиме солидно образование и јас ги повикувам студентите да ја препознаат својата иднина на УГД во Штип. Универзитетот дава признаени дипломи, не само на ниво на регион, туку и во целиот свет. Сите алатки кои ги имаат универзитетите низ Европа постојат и на овој универзитет“, истакна ректорот на УГД проф. д-р Боев.

И оваа година голем дел од студентите ќе добијат можност да добијат бесплатно студирање во одредена фаза од своите студии, а сите можности за стипендирање и ослободување од партиципација се веќе објавени.

Ректорот на УГД истакна дека најверојатно УГД студиската година ќе ја започне со хибридниот модел, односно вежбите да бидат со физичко присуство, а наставата онлајн, но тоа може да се промени многу бргу зависно од епидемиолошката состојба во државата. Доколку има насоки да се овозможи физичка настава, УГД ќе биде подготвен. Целосната прес-конференција можете да ја погледнете на видеото во продолжение:

 

Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип на посебен начин ќе се прости и ќе се потсети на проф. д-р Виолета Димова, која почина неодамна. Настанот посветен на проф. Димова ќе се одржи во четврток, 1 јули 2021 година, во амфитеатарот на Филолошки факултет – Кампус 4 на УГД. Проф. д-р Виолета Димова голем дел од својот работен век го помина токму на Филолошкиот факултет на УГД, оставајќи длабок печат со својот ангажман, со својот однос како со колегите на Факултетот и на Универзитетот, така и со генерациите на студенти кои го учеа македонскиот јазик и светската книжевност под нејзино менторство. Проф. д-р Виолета Димова учествуваше во основањето и беше и прв декан на Филолошкиот факултет при УГД. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на повеќе научни трудови од областа на методиката и теоријата на книжевноста, добитник е на Меѓународната награда „Ана Франк“ за посебен придонес во интерпретацијата на литературата за деца.

Катедрата за танц при Филмската академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип доби сопствен простор кој ќе овозможи многу подобри услови за реализација на студиската програма, на која интерес за студирање има и од студенти од странство. Министерството за одбрана ѝ отстапи дел од просторот на Домот на АРМ - Скопје на Филмската академија при УГД, со што Катедрата за танц доби свој дом.

- Како Универзитет се трудиме нашите студенти да имаат извонредни услови, се раководиме по европски стандарди. Од оваа година ја интернационализираме програмата, веќе имаме странски студенти. Програмите одат на англиски јазик, а отвораме и мастер студии на кои имаме пријавено студенти од регионот и пошироко – изјави Рисима Рисимкин, деканка на Филмската академија и основач на Катедрата за танц.

На предавањето на просторот на користење на УГД и Филмската академија присуствуваа и проректорите на УГД, проф. д-р Мишко Џидров и прод. д-р Дејан Мираковски, кои истакнаа дека ова е во насока на поддршка на стратегијата за интернационализација на Универзитетот „Гоце Делчев“, а дека со овој простор, преку соработка на повеќе институции, дури и во  ваков период на криза може со малку средства да се направи многу убав простор кој ќе можат да го користат и сегашните и идните студенти.

- Катедрата за танц на Филмската академија на УГД нуди уникатна едукација, продуцира танчари, а со вториот циклус на студии, студиите за кореографија и педагогија, како и со внесувањето на „урбаните стилови“ во универзитетската едукација, целта е да станеме европски центар - вели Рисима Рисимкин.

Предавањето на просторот од Домот на АРМ во Скопје на УГД се случи за време на „Скопје танц фест 2021“, на кој одлични настапи имаа студентите од Катедрата за танц.

Страница 7 од 102
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…