УГД Живот
Почнувајќи од 1 јануари 2021 г., УГД ќе биде дел од тимот за проектот „Be Value Reload" кој е проект од програмата Еразмус+ Спорт, кофинансиран од Европската Унија. Проектот „Be Value Reload (BeValueR)“ или Биди вреднуван е продолжение на друг успешно завршен проект именуван како Таеквондо за умот – добиј црн појас за вредности (Taekwon-Do for the mind – Get a Black Belt in Values) чија целна група беа деца на возраст од 7 до 11 години.
Главна цел на проектот Be Value Reload е: поттикнување на вклучувањето во спорт и физичка активност на т.н. Генерација Z, односно млади на возраст од 12 до 17 години, следејќи ги препораките на Советот на ЕУ за здравствено насочена физичка активност (HEPA) и водичот на ЕУ за физичка активност“.
Оваа цел се реализира преку имплементација на сет од бројни активности, поврзани со следниве специфични цели:
- Воспоставување на иновативен мултидимензионален партнерски пристап со цел привлекување во спортот на млади на возраст од 12 до 17 години, односно т.н. Генерација Z, во рамките на политиката на ЕУ за здравствено – насочена физичка активност;
- Воспоставување на Европска мрежа на амбасадори за популаризација на Таеквондо и другите боречки вештини помеѓу младите, како форма на здравствено-насочена физичка активност и креирање на вредности помеѓу младите. Истата треба да овозможи зајакнување на синергијата помеѓу локалните, регионалните, националните и меѓународните политики и институции со цел промоција на спортот и физичката активност, преку истакнување на вредностите кои се развиваат и промените кои настануваат преку спортот.
Во рамките на проектот ќе бидат креирани Бонус систем за вреднување на моралните вредности (BeValue Reload Bonus System) и ИКТ Апликација (ICT Multi-Platform Application), чијашто примена има за цел подобра имплементација на ХЕПА политиката на ЕУ во контекст на таеквондо и другите боречки вештини. Овој бонус систем треба да им овозможи на младите од Генерација Z на возраст од 12 до 17 години да бидат позитивно вреднувани нивните залагања секогаш кога ќе покажат одредени клучни квалитети кои ги учат преку таеквондо, како што се: почит, одговорност, самоконтрола, заемно помагање, како и зголемување на вклученоста во различни форми на физичка активност и подобри спортски постигнувања. Тие ќе бидат поттикнувани да ги споделуваат овие резултати, да учат од отворени и достапни извори, да комуницираат со тренерите за подобрување на спортската изведба и резултати и сл. Иновативната тренинг програма ќе ги вклучува и родителите и ќе им помогне во комуникацијата со нивните деца и надминување на различните гледишта како резултат на возраста, преку креирање на култура за вклучување во здравствено насочени физички активности (HEPA), преку примена на апликацијата.
Бонус систем за вреднување на моралните вредности (BeValue Reload Bonus System) ќе биде креиран и имплементиран на интерактивен начин. Истиот ќе биде интегриран во процесот на тренинг и ќе се заснова на искуствата стекнати во процесот на тренинг и работа со работа со деца на возраст од 12 до 17 години. Бонус системот ќе придонесе за подобрување на интеракцијата помеѓу тинејџерите, тренерите и родителите, а во контекст на препознавање на ЕУ ХЕПА политиките насочени кон подобрување на здравиот и активен начин на живот.
„BeValueR” ИКТ Апликација - ICT Multi-Platform Application ќе даде нов пристап во примената на технологијата во спортот со младите луѓе. Овој иновативен пристап е во согласност со спецификите на начинот на живот на младите од Генерацијата Z на возраст од 12 до 17 години. Истата ќе поддржува видеокомуникација во живо и ќе дава можност за онлајн тренинзи што е особено значајно за моменталната ситуација. Истата ќе содржи и видеобиблиотека каде што секој тренер ќе може да прикажува и споделува информации. Напредокот на секој млад спортист исто така ќе може да се следи во реално време. Вака креираната иновативна програма ќе им помогне на родителите да имаат подобар увид во работата и тренажниот процес на нивните деца и на овој начин да ја разберат подобро нивната работа што ќе помогне во надминување на генерацискиот јаз. Дополнително ќе бидат креирани и имплементирани заеднички тренинг сесии на младите со нивните родители.
Резултатите од проектот ќе бидат јавно презентирани во рамките на еден голем меѓународен настан на кој ќе се одржи на крај од проектот и за кој е предвидено учество на 260 учесници од различни земји.
Координатор на проектот е Централен полициски таеквондо клуб од Бугарија, поддржан од проектните партнери: Приватен спортски колеџ (Бугарија), ТК Анац Шентјур (Словенија), Спортски клуб Аристотелис (Грција), Романска таеквондо федерација (Романија) и Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип (Македонија).
Проектниот тим од УГД ќе биде задолжен за едукацијата на родителите преку изготвување на програмите за родителите и креирање на методологија за истражување на најдобри практики во тренажниот процес со деца. Искуствата од таеквондо во градење на морални вредности кај децата, преку креирање на бонус систем, ќе бидат презентирани и споделени пред тренери од другите боречки вештини со цел нивна имплементација и во другите спортови.
Со одржување на првиот состанок во Софија (Бугарија), официјално беше означен стартот на проектот „Тениски клубови за двојни кариери (Tennis Clubs for Dual Careers) (TC4DC)“ кој ќе се реализира во период од 2 години, односно до крај на 2022 година. Проектот е кофинансиран од Европската Унија, во рамките на програмата Еразмус + Спорт.
Цел на проектот е да се развијат програми за стекнување на знаења и вештини кои ќе им помогнат во кариерниот и личен развој на младите тенисери и можност за професионално усовршување и кариерен развој на тренерите по тенис. Фокус ќе биде даден и на развој на вештини за менаџирање на мали и средни спортски клубови, имплементирајќи го концептот на двојни кариери.
Во рамките на проектот ќе биде спроведено истражување на практиките за двојни кариери во спортот во сите земји, добрите практики во тенисот, како и добрите практики на национално ниво во секоја од земјите поврзани со кариерниот развој во спортот. Менаџирањето на спортските клубови како една од формите на кариерен развој во спортот исто така ќе биде вклучено во проектните активности. Согласно со резултатите од истражувањето, во рамките на проектот ќе бидат развиени и креирани три едукативни курсеви: „Обука за спортско-тактичка и физичка подготовка на спортистите“, „Менаџирање со мали и средни спортски клубови“ и „Советување за двојна кариера и живот по завршување на спортската кариера“.
Носител на проектот е Спортскиот клуб ДЕМА од Софија (Бугарија). Како партнери во проектот, покрај Универзитет „Гоце Делчев“, вклучени се и Спортски клуб „Политехна“ (Романија) и претставници од Универзитетот во Букурешт, Спортски клуб „Лаврио“ (Грција) и Тениски клуб „Блунденз“ (Австрија). И покрај специфичната епидемиолошка состојба, претставници од сите земји вклучени во проектот, учествуваа на почетниот состанок во Софија каде што беа дискутирани проектните активности во периодот на следните две години.
Во рамките на проектот, проектниот тим на УГД е задолжен за изработка на методологијата на истражувањето, утврдување на најдобрите национални и ЕУ практики за двојни кариери, како и изготвување на методски пристапи за елаборација на изготвените едукативни курсеви. Во рамките на проектот ќе бидат вклучени и тренери од клубовите на УГД, како и тренери по тенис од Штип и пошироко.
Во сабота, 17 април 2021 година, онлајн, на платформата Microsoft teams ќе се одржат Отворените денови на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип: „Откријте ги можностите за студирање на Факултетот за медицински науки“.
Продолжуваат отворените денови на УГД. Минатиот викенд отворен ден имаа факултетите за општествените науки, а во понеделник (12.4.2021 г.) од 19 часот преку интернет своите можности ќе ги претстават факултетите од Кампус 2 на УГД.
На отворениот ден за матурантите и за сите заинтересирани идни студенти промоција ќе имаат следниве факултети:
- Земјоделски факултет
- Факултет за природни и технички науки
- Факултет за информатика
- Машински факултет
- Електротехнички факултет
- Технолошко-технички факултет.
Сите заинтересирани можат да се вклучат преку платформата Teams на следниов линк: Microsoft Teams УГД.
Универзитетот „Гоце Делчев“ денес одбележува 14 години од своето основање. Со оглед на актуелната состојба, УГД ќе има неколку настани кои се во рамките на почитување на сите протоколи. Најголем дел од настаните по повод патрониот празник се однесуваат на спортските активности кои веќе се во тек и на активности поврзани со Музичката академија и Катедрата за танц кои изработија видеоразгледница за сите студенти.
Во рамките на своето обраќање ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ проф. д-р Блажо Боев истакна дека оваа година е година на големи предизвици за високото образование и за човештвото воопшто.
„Годинава ќе кажам сите да останеме на број и сите во ист број да го прославиме јубилејниот патронат догодина. Навистина тоа ми е единствената желба во ова време на тешка пандемија од која ќе излеземе само со помош на науката“, истакна ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.
Проректорите на Универзитетот во своите обраќања овие изминати 14 години ги оценија како доста продуктивни и корисни за високото образование воопшто.
„УГД направи значајно поместување во науката и образованието воопшто, а со отворање на нови научноистражувачки лаборатории сигурно дека тој исчекор ќе биде уште поголем“, истакна проректорот за развој, инвестиции и одржување, проф. д-р Дејан Мираковски.
Годинава, иако исклучително специфична за високото образование, УГД успеа многу бргу да се адаптира на промените и да понуди најсоодветен модел на образование во време на пандемија.
„Ние успеваме да се адаптираме и многу бргу да започнеме со настава и покрај пандемијата, верувам дека во годините што следуваат состојбата ќе се нормализира, а ние ќе излеземе покомпактен универзитет со поголеми можности за нашите студенти“, рече проректорот за настава и студенти, проф. д-р Мишко Џидров.
УГД почитувајќи ги сите протоколи за да се минимизира заразата од ковид 19 ги организира и планира сите свои активности, во овој контекст во периодот кој следува отворените денови ќе се одржуваат преку интернет, а еден иновативен и креативен начин студентите ќе можат виртуелно да го посетат УГД и да ги добијат сите одговори. Регистрацијата за тој настан е на следниов линк: << Линк >>.
Мојата убеденост дека периодот на постоењето на УГД-Штип е многу краток за извлекување релевантни заклучоци за неговата успешност или не, ја потпрев на моите впечатоци од посетата на еден од најстарите универзитети во Европа и во светот, Универзитетот во Саламанка во Шпанија, кој постои веќе 800 години и во чии простории без сомнеж можете да ја почувствувате енергијата на едно минато време кое во многу области во науката во Европа го детерминирало развојот на образовната култура и развојот на општествата во целина.
Организација на студирањето во време на пандемија
Може да се истакне дека беше тешка и ситуацијата со првичното прифаќање на онлајн-наставата од страна на студентите. Додека на повеќето универзитети имаше реакција, нашите студенти ги ислушаа плановите и залагањата на Универзитетот, ги прифатија и тие предизвикот и на крајот можам да кажам дека не погрешија. Наставата продолжи и тие во ниеден момент не беа оштетени.
Предизвиците сè уште се тука, но ние сме поискусни за една успешна година. Сите овие промени придонесоа и за редефинирање на целото наше работење во високото образование кое ќе биде исто така тешко да се одржува и да се поттикнува во наредните години. Оваа нова димензија на работење бара постојано инвестирање во нови ИТ-опрема за да можеме да се водиме со новонастанатите промени.
Ова поместување, ова приспособување не е само за академискиот кадар, туку и за студентите, кои мора да се соочат порано со новата реалност и потребите од ИТ-знаења. Ова редефинирање на важноста на модерните интернет-технологии во наставата ќе придонесе за развој на нови вештини кај студентите кои ќе бидат потребни во иднината. Сето ова ќе им овозможи полесно да се вклопат во модерните глобални текови и да се соочат со граѓански и економски предизвици што ќе се појават пред нив.
Денес нашиот високообразовен систем е исправен пред еден огромен предизвик кој се нарекува миграции на младите, како генерациски одговор на многу промашувања на нас и нашите генерации кои недоволно добро се снајдовме во големите глобални размислувања на развојот на глобалните општества, а секако во целина и на развојот на целата планета Земја.
Миграциите се многу важно прашање за кое треба да се проговори, и тоа како на миграциите кон главниот град Скопје така и на миграциите во други земји. Ако се погледнат податоците од миграциите во текот на 80-тите години од минатиот век, се доаѓа до заклучок дела денес најголемата миграција се случува во делот на најобразованите и тоа претставува огромно зголемување. Значи имаме селективен одлив на млади кои би требало да бидат основата на динамичниот развој на нашето општество и на изградбата на подобар живот за граѓаните, како и за изградбата на модерно македонско општество врз темелите на традиционалните наши вредности и современите европски вредности. Што е тоа што доведе до овие општествени појави кои многу ќе ја предодредат иднината на нашите универзитети во рамките на процесите на глобализација од кои понекогаш имаме и страв.
Првото се однесува на односот помеѓу мисијата на универзитетот и неговите задачи како истражувачки епоним, односно, односот помеѓу универзитетот како центар на теоретските науки кои се развиваат спрема сопствените иманентни начела на универзитетот и универзитетот како збир на професионални школи, ова е нешто што ние и денеска го имаме.
Друго прашање што треба да се постави е: Во која е мера е пожелно универзитетот да дејствува во името на таканаречените општествени потреби, дури со непосредно влијание на владата или на одредени индустриски корпорации.
Тука се поставува основната дилема - дали на секој на универзитетот му е дозволено да изучува и истражува тоа што сака, ама се поставува и прашањето поради што даночниот обврзник треба да го плаќа тоа? Меѓутоа, тука доаѓаме до суштината на постоењето на универзитетот, ако концептот на утилитарноста победи, тоа сигурно би значело и крај на универзитетот онаков каков што досега го знаеме, а во голема мера и би довело и до поголем цивилизациски дисконтиниум, воопшто.
Новиот економски концепт го нагласува знаењето како неопходност и дека едукацијата на студентите треба да биде насочена кон стекнување вештини за „глобално работно место“, вклучувајќи го работното место каде било во светот. Тоа значи дека мора да бидат образовани и спремни за континуирана адаптација на светот на работа во која технолошките иновации се секојдневие. Да се спремаат за работно место на кое одговорностите константно се менуваат.
Светот денеска е сè поблиску до тоа да го развие концептот на современ систем на високо образование, или воопшто образование. Постојат многубројни истражувања во оваа насока, но најголемиот дел од нив се однесуваат на тоа дека системот на образование треба да се засновува на разбирањето на науката и на нејзините сознанија и дека треба да се стави фокус на начинот како да се дојде до донесување заклучок и одлучување.
Во остварувањето на оваа своја примарна мисија на Универзитетот му е потребен систем на образование кој претставува менторски поддржан дијалог во форма на креативна работилница на наставниот персонал кој е ангажиран на Универзитетот, кој поседува и кој во тој процес ги вложува и сопствените научни и педагошки компетенции, како и искуствата од праксата. Образованието на студентите се одвива со примена на современи стандарди во системот на оценувањето, организацијата на студиите, дидактичките методи и со наставни планови и програми кои се засновани на најдобрите искуства и традиции на европските универзитети, како и со реформските принципи кои се иницирани на европскиот систем на високо образование.
Во студиските програми на Универзитетот е дефиниран оптимален број на задолжителни предмети, а на студентите им е овозможена слободата и иницијативата самостојно да ги одберат изборните предмети, а со рамката на универзитетските изборни предмети да ја дефинираат и мултидисциплинарноста на своите образовни програми кои во крајна мера треба да ги индивидуализираат и дизајнираат по своите способности.
Студиските програми на Универзитетот се насочени кон стекнувања знаења со кои студентите ќе се квалификуваат за работи кои се дел од високотехнолошкото опкружување за кое се бара разбирање на процеси и изградени способности за управување со системи кои поседуваат „мета“ интелигениција, но исто така и иницијативност, претприемнички способности, способности за психолошка евалуација на соработниците, работа во работни групи и тимови, способност за донесување одлуки во недостиг на време, способност за понатамошно доживотно образование, способност за одбирање на релевантните информации во околина од огромен број информации и информациско загадување, способност за истовремено процесирање повеќе работи и способност за креативна интеграција на знаењето со праксата.
За потребите на образованието и научноистражувачката работа се ангажирани кадри кои имаат научен дигнитет, чиј коефициент на компетитивност кореспондира со нивното знаење, способноста и спремноста да ги прифатат ризикот и одговорноста за својот живот и за обновата на својата локална и глобална заедница трансформирајќи ја во општество на знаење и општество на учење.
Определбата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип треба да биде да развива мултидисциплинарни програми кои се наоѓаат на граничните делови на етаблираните студиски дисциплини, програми кои имаат најголем потенцијал за иднината, да имплементира современи педагошки технологии кои се засновани на интерактивна настава, современи педагошки работилници со виртуелна наставна околина, како и примена на информациско-комуникациски технологии за образование на далечина.
Универзитетот во својата пракса ќе ги применува и принципите на доживотното учење во остварувањето на основното човечко право, право на учење и образование, промовирајќи ја европската транспарентност на студиите, мобилноста на студентите и професорите во високото образование, системот на осигурување квалитет и управување, контролата и евалуацијата на квалитетот, образование кое е насочено кон студентот, јавност, транспарентност, образовен процес кој е димензиониран во вид на повеќестепена спирала во која акумулацијата на бодови за сите облици на работа на студентите е услов за нивна вертикална проодност, индивидуализирани кредибилни студии дизајнирани според интелектуалната и психолошката мерка на студентите, како и севкупен развој на истражувачките и работните функции на Универзитетот како инкубациски и кариерен развоен центар.
Преземено од Fakulteti.mk.
Како резултат на КОВИД-19 целиот свет го погоди социо-економска и психолошка криза. Во поголем дел од светот социјалните активности се ограничени, скоро секаде и движењето на луѓето беше ограничено, а болниците примија одеднаш илјадници пациенти.
Поради ова се појавија многу психолошки проблеми и последици по менталното здравје, вклучувајќи стрес, анксиозност, депресија, фрустрација и неизвесност. Психолошките реакции поврзани со мерките, како полициски час или карантин, се „страв“ и „колективна вознемиреност“. Овие реакции се очекуваат во време на епидемија, а се зголемуваат со зголемување на бројот на новозаболени.
Психолошките реакции на пандемијата може да варираат од „панично однесување“ или „колективна хистерија“ до „чувство на безнадежност“ и „очај“. Исто така многу е важно што другите здравствени мерки може да бидат компромитирани од зголемената вознемиреност кај луѓето. Овие работи треба што побргу да бидат идентификувани и да се дискутира за нив.
Токму заради овие причини, Факултетот за туризам и бизнис логистика е домаќин на вебинар кој ќе се одржи на 19 март 2021 г. од 17 до 18 часот, каде што ќе се анализира влијанието на КОВИД-19 врз менталното здравје кај општата популација со препораки и совети како да си помогнеме.
Модератор: Тони Михаилов
Отворање на настанот: Проф. д-р Мишко Џидров, проректор за настава и студенти, Универзитет „Гоце Делчев” – Штип
Учесници:
Проф. д-р Александра Жежова
- „Влијанието на медиумите и дезинформациите во време на КОВИД 19: менталното здравје и општествените девијации”
Проф. д-р Мирослав Пендароски
- „Ние ли сме тоа?! – психосоцијалните феномени на долготрајното себеотуѓување”
Проф. д-р Елеонора Серафимовска
- „Психолошките аспекти на пораките пренесени преку интерактивните медиуми за време на пандемијата“
Сите заинтересирани можат да го проследат на линкот во продолжение: (Линк).